Ракометниот тим на Охрид со големи амбиции ќе влезе во новата сезона.

Новиот тренер Стефче Алушовски вчера ја имаше првата прозивка и тренинг, со видно засилениот клуб. Според Алушовски, Охрид е една од најперспективните екипи во Македонија.

„ГРК Охрид е клуб со добра организација кој се стреми да прерасне во сериозен конкурент против секого во македонското првенство и постојан учесник во европските купови“, вели Алушовски.

Првиот дел од подготовките ќе бидат одработени во Охрид, по што на 10 август следуваат базични подготовки во Маврово се до 18 август. По враќањето во Охрид екипата ќе настапи на вториот меморијален турнир „Крсте Андоновски – Усташ“.

„Тоа ќе биде вистинска проверка на нашите можности кои сметам дека се големи. Имаме високи цели за оваа сезона, а тоа е пласман во Европа, но нормално е да се обидеме да направиме и нешто повеќе“, рече Алушовски.

Тој смета дека македонското првенство е исклучително квалитетно, но иако дел од екипите како Пелистер, Вардар, Алкалоид се далеку финансиски помоќни, убеден е дека ГРК Охрид ќе игра забележителна улога во Супер лигата.

„Имаме условно полесна група во првиот дел од првенството и ќе се обидеме да сме најмалку втори и да пренесеме што е можно повеќе бодови во плеј-офот, а таму ќе се води мртва трка“, потенцира Алушовски.

Охрид во новата сезона ќе игра во „А“ групата на Супер лигата. Во неа за противници ќе ги има: Струга, Куманово, Тиквеш, Скопје, Алкалоид, Еурофарм Пелистер 2 и Аеродром.