Македонската млада репрезентација за одбојкари до 17 години ја оствари првата победа на Балканското првенство што се одржува во Тирана.
Во мечот за пласман од 5 до 7 место, македонските одбојкарски надежи ја победија соодветната селекција на Црна Гора со 3-2 во сетови.
Во дуел на две селекции со изедначен квалитет, македонските одбојкари покажаа карактер, и заслужено се радуваа на триумф.
Црногорците го добија првиот сет со 23:25, а во следните два нашите млади одбојкари беа подобри со 25:23 и 25:14. Противникот успеа да се избори за решавачки петти сет, откако го доби четвртиот со 26:28.
Во решавачкиот сет, црвено-жолтите одиграа најдобро на ова првенство, па на противникот му препуштија само три поени, го добија сетот со 15:3, а мечот со 3-2.
Со оваа победа нашите одбојкарски надежи се изборија за уште еден натпревар. Во него утре против домаќинот Албанија ќе се борат за петтото место. Потсетување дека овие две селекции одиграа во првата рунда на првенството во која домаќините славеа со 3-1 во сетови.
Утрешниот меч меѓу Македонија и Албанија ќе се игра во терминот од 15.30 часот.