Директорот на Мерцедес, Тото Волф, верува дека „W14“ болидот на тимот може да покаже напредок на претстојната трка за Големата награда на Австрија во Формула 1.

Откако го претставија новиот концепт и надградбите на болидите на трката во Монако, Мерцедес завршија на второто и третото место во Шпанија, додека Луис Хамилтон заврши трет на последната трка во Канада.

Нови, поголеми подобрувања ќе бидат претставени од Мерцедес во Силверстон на 9 јули, но Волф се надева дека тимот веќе ќе покаже напредок уште оваа недела во Австрија.

„Многу позитивности можеме да извлечеме од последната трка во Канада. Иако едниот болид (Расел) не ја завршија трката, сепак подиумот (Хамилтон) е добар резултат. Видовме охрабрувачки знаци од нашиот подобрен болид“, изјави Волф, а пренесува „Скај“.

Тој додаде дека ќе биде предизвик да се сетира болидот за патеката во Спилберг.

„Нашата цел е да го продолжиме налетот што го направивме на последните две трки, и да ја задрќиме вистинската патека. Тоа е патека каде што W14 треба да оди подобро отколку во Канада, но ние не земаме ништо здраво за готово. Како и секогаш, ќе дадеме се од себе за да го извлечеме максимумот од тоа и да постигнеме добри резултати“, рече Волф.

Дали се на вистинскиот пат во Мерцедес ќе видат уште денеска по 13 часот за кога е закажан првиот тренинг, по што од 17 часот ќе се возат квалификациите.

Во сабота (16.30 часот) на програмата е спринтот, а трката за Големата награда на Австрија ќе се вози во недела од 15 часот.