Јуниорската репрезентација на Македонија за кошаркари до 18 години ја оствари втората победа на меѓународниот турнир „Бобан Петковски“ во Гевгелија, совладувајќи ги врсниците од Израел.
Добрата игра во одбраната, што резултираше со мал број на примени поени, како и по колективната игра во нападот и донесе победа на Македонија со 82-59.
По израмнетите воведни пет минути (8-8), македонските јуниори направија серија од 10-0, и за прв пат стигнаа до двоцифрена предност. Првиот период го добија со осум, а во вториот додадоа уште еден поен плус, па на полувремето заминаа со предност од 9 поени (37-28).
И во вториот дел иста слика. По само пет минути игра напите јуниори стигнаа и до најголеми 24 поени предност (56-32), што само беше најава дека на крајот црвено-жолтите ќе се радуваат на нова победа, оваа остварена со 24 поени разлика (82-59).
Ангел Стојанов со 21 поени беше најефикасен во нашата репрезентација, додека Шошкиќ додаде 20, а Иванов 17 поени. Иако натпреварот го заврши само со 2 постигнати поени сепак мора да се истакне и играта на Атанасиј Трајанов кој собра 8 типки под обрачите, а имаше и 5 асистенции.
Натпреварите на овој турнир беа добра можност за селекторот Андреј Апостолски Лечиќ да ја провери подготвеноста на играчите за главниот настап, а тоа е Европското првенство во дивизијата „Б“ кое од 21 до 30 јули, ќе се одржи во Матошинос, Португалија.