Во второто полуфинале од „фајнл-фор“ турнирот во Келн, Киелце успеа да оствари победа над ПСЖ со 25:24 и обезбеди место во финалето од Лигата на шампионите.
Ова за полската екипа е трето финале во Келн, а европската титула ја освоија во 2016 година, додека лани загубија од Барселона.
Натпреварот стартуваше со израмнета и борбена игра до 15-тата минута по што ПСЖ успеа да поведе со 10:8. Но, Киелце не се откажаа и израмни на 11:11. На 2 минути пред крајот на првото полувреме Киелце успеаа да поведат со два позитива. Па на полувреме резултатот беше 16:14 за екипата на Киелце.
Првите 6 минути од второто полувреме двете екипи немаа постигнато гол , Киелце успеа да постигне погодок со што ја зголеми предноста на +3. Французите не се откажаа па во 47-та минута израмнија на 20:20 со голот на Лук Стеинс. Последните 10 минути беа неизвесни и се играше нерешено и гол за гол па така со голот на Морито од пенал Киелце успеа да го победи ПСЖ со 25:24 на 90 секунди пред крајот на натпреварот.
Во последната минута ПСЖ тешко наоѓаше позиција за сигурен шут, а во таква се најде Стеинс, но неговиот удар го одбрани голманот Андреас Волф. Во последните 15 секунди Киелце направи грешка преку екс-вардарецот Игор Карачиќ, а последниот удар на Елохим Пранди повторно го брани Волф, кој дуелот го заврши со 12 одбрани.
Најефикасен од победничкиот тим беше Алекс Душебаев со шет погодоци, додека од поразената екипа се издвои Стеинс со исто толку.
Во првото полуфинале Магдебург по изведувањето на пенали ја победи Барселона со 40:39.
Утре во дуелот за третото место од 15:15 часот ќе играат Барселона и ПСЖ, а во финалето од 18 часот е финалето меѓу Киелце и Магдебург.
Ивона Кимовска