Додека сениорите го очекуваат утрешниот дуел со Украина во евро-квалификациите, младата репрезентацијата на Македонија до 21 година попладнево ќе го одигра првиот од двата предвидени контролни натпревари.

Нивните врсници од Ерменија ќе бидат првите противници на избраниците на селекторот Драги Канатларовски.

„Има разбирање и соработка помеѓу нас играчите и стручниот штаб, владее одлична атмосфера во репрезентацијата, што е многу битно и клучно во борбата за висок пласман.
Поседуваме квалитет и одлучност, но тоа ќе мора да го покажеме на теренот во натпреварите што следат. Се надевам дека со добрите игри ќе можеме во иднина јас и моите соиграчи да бидеме дел и од А репрезентацијата на Македонија“, вели играчот од средниот ред на нашата селекција Хамза Рамани.

Денешниот дуел меѓу Македонија – Ерменија ќе се игра на тренинг центарот „Петар Милошевски”, во Скопје од 17 часот, каде пет дена подоцна ќе следува и дуелот против репрезентацијата на Малта.

Тоа ќе бидат и последните контроли за нашите млади фудбалери пред стартот на новиот циклус квалификации за ЕП закажан за во септември.