Во пресрет е финалето од Лигата на шампионите меѓу Интер и Манчестер Сити, а Симоне Инзаги и неговата екипа се спремни за големиот спектакл.
Тренерот на Интер призна дека противниците се меѓу најдобрите во светот, а неговиот тим е единственото нешто што стои меѓу Сити и тројната круна.
„Знаеме дека имаме огромна можност да испишеме страница во фудбалската историја. Исто така, знаеме дека ќе биде многу тешко, но ќе се обидеме. „Заедно“ е зборот кој не донесе овде и заедно ќе се обидеме да победиме во сабота. Свесни сме каков натпревар ќе играме вечерва. Сити е најсилниот тим на светот, тоа го докажаа на натпреварите што ги одиграа досега. Горди сме што дојдовме толку далеку, ќе направиме се за да одиграме натпревар со неверојатна концентрација. Ќе мора да ги ограничиме нашите грешки и да ги искористиме можностите што ги имаме“, вели Инзаги.
Италијанскиот стручњак вели дека ова за Интер е доста напорна сезона, но со сите падови и подвизи научиле многу за вечерва да се покажат во најдобро можно светло.
„Вечерва ќе го одиграме нашиот 57-ми натпревар оваа сезона, тоа беше многу долго патување со неколку тешки моменти. Научивме многу од заслужените и не заслужените порази и вложивме „луди“ напори да стигнеме во Истанбул. Последниве неколку недели имавме малку време да размислуваме за финалето на Лигата на шампионите, бидејќи го имавме финалето на Купот на Италија, за кое многу се грижевме. Дури сега разбираме што постигнавме, па вечерва ќе се бориме педа по педа на теренот за да излеземе со победа.“ – додаде тренерот на „нероаѕурите“.
Големото финале во Истанбул ќе се одигра вечерва со почеток од 21 часот.