Јуниорите на Вардар се освојувачи на шампионскиот трофеј во јуниорската кошаркарска конкуренција. Вардарци до трофејот стигнаа со победата над Водно Санс со 85:77.
Во финалето на завршниот турнир одржан во СЦ „Јане Сандански“, малата сала беше претесна да ги собере сите вљубеници во овој спорт. Оние кои си купија билет не зажалија за 100-те потрошени денари, бидејќи Вардарци но и нивните противници во финалето кошаркарите на Водно Санс понудија супер интересен и неизвесен натпревар се до самиот крај.
Во најголемиот дел од натпреварот црвено-црните беа оние кои го контролираа резултатот, а во воведните минути од второто полувреме имаа и 12 поени предност (48-36). Но, Воднос Санс не се откажа и со пресинг играта по целиот терен го сврте резултатот, односно во последната четвртина влезе со предност од два поени (59-57). Рамноправно се играше се до завршните 35.секунди пред крајот, кога со шесте поени во низа, вардарци го зададоа завршниот „удар“ и на крајот заслужено се радуваа на победата и шампионскиот трофеј.
Тројца играчи во редовите на новиот шампион Вардар, средбата ја завршија со дабл-дабл ефект. Капитенот Павел Иванов на 20-те поени додаде и 11 скокови колку што имаше и одличниот Никола Поповиќ по реализира само поен помалку (19), додека Марко Лукановски доминираше под обрачите со 20 скокови на кои додаде 15 поени.
Сепак, признанието МВП односно најкорисен играч на турнирот му припадна на Иванов кој и во полуфиналето оствари двоен ефект.
Во составот на Водно Санс, дабл-дабл оствари Бојан Димитриев 10 поени и 13 скокови, а по 17 поени постигнаа Никола Јаничиќ и Коста Кириловски.
Бронзениот медал сосема заслужено им припадна на јуниорите на Работнички кои го надиграа составот на Феникс со 77-65, па организаторот на овој турнир остана без медал, но барем имаше „ќар“ од продадените карти, на што имаше бројни реакции од присутните, но и оние кои иритирани од организацијата, се решија да се вратат дома.