Полската екипа Киелце по шести пат ќе биде учесник на завршниот турнир од ракометната Лига на шампионите во Келн, откако вечерва на домашен терен го победи големиот ривал унгарски Веспрем со 31:27 (18:12). Првиот натпревар пред седум дена заврши без победник 29:29. Со тоа полскиот тим кој беше европски првак во 2016 година и лани финалист ќе можност повторно да се бори за титулата европски шампион. Киелце во своето седмо 1/4 финале, шести пат успева да се избори за полуфинале (2018 елиминиран од Монпеље).
Гостите од Унгарија единственото водство го имаа од 1:0, а потоа доминираа играчите со „жолто-сина“ комбинација и со серија од 6-1 во 12.минута го примораа гостинскиот тренер Момир Илиќ да побара тајм аут. Советите вродија со плод и по десет минути беше 10:8 или Веспрем имаше серија од 6-4. Сепак предводени од Алекс Душебаев и Симон Шичко (заедно постигнаа 9 голови за 30 минути), Киелце имаше +5 (15:10) во 27.минута, а во последната минута од првиот дел имаше +6 (18:12).
На почетокот на вториот дел Киелце пропушти две шанси да поведе и со седум голови разлика, а Веспрем постигна два гола за 18:14. Долго време се играше гол за гол, што секако им одговараше на ракометарите на полскиот тим. Во последните десет минути Киелце имаше и највисока предност од +8 (27:19 и 28:20). До крајот на натпреварот унгарскиот тим успеа само да го ублажи поразот.
Најефикасен на дуелот беше Недим Ремили со 8 голови, додека кај победникот Алекс Душебаев и Шичко постигнаа по 6. Поранешниот вардарец Игор Карачиќ постигна два гола.
Во последното реванш четвртфинале вечерва играат Барселона и ГОГ.
Пласман во полуфиналето веќе обезбедија Магдебург и ПСЖ.