Задоволството од победата над Вардар и ширум отворените врати кон освојувањето на шампионскиот трофеј за тренерскиот тандем на Еурофарм Пелистер секако е огромно задоволство, но Александар Јовиќ и Звонко Шундовски, сепак ќе почекаат со еуфоријата, бидејќи треба да се одработат последните два натпревари со Охрид и Тиквеш, во кои секако пелситерци важат за фаворити.

Кога загубивме од Вардар реков, првенство е квалитетно. Тоа се покажа кога Алкалоид го победи Вардар, што на нас даде шанса да се бориме за титулата. Со оваа победа направивме голем чекор, но уште не е готово. Имаме завршница на Куп на Македонија, потоа имаме незгодно гостување во Охрид, па во Кавадарци”, изјави Јовиќ.

И Шундовски се огласува со констатацијата на Јовиќ, па додава:

„Ова е голем чекор кон освојувањето на титулата. Но, имаме уште два меча со сериозни противници, мора да бидеме максимално фокусирани на нив, а па потоа ќе славиме. Се надевам дека ова е мотив повеќе за едно одржување на високо ниво и конкретно, екипа за Лигата на шампионите“, изјави Шундовски.

Пред одигрувањето на натпреварите во Охрид (21 мај) и во Битола со Тиквеш во последното коло (28 мај), Еурофарм Пелистер го очекува и настапот во завршницата од Купот на Македонија,  полуфиналето со Пролет, преку кое битолчани ќе се обидат да стигнат до ново финале и евентуално двојна круна сезонава.