Иако има традиција сепак кугларскиот спорт во Македонија некако е маргинализиран. Сигурно ја нема популарноста на останатите колективни спортови како ракометот, фудбалот, кошарката, одбојката, но и во македонското куглање имаме одлични спортисти.
Оние со подолго паметење ќе се присетат дека во Скопје 2006 година се одржа индивидуално Светско првенство, ќе се потсетат на носителите на медали од големите натпреварувања, Тодор Манев, Борис Бенедикт, Менсур Ајдин и Бранко Манев кој во 2010-тата се закити со титулата светски шампион за јуниори до 23 години. Ова се само дел од ние кои успешно ја претставуваа Македонија на големите меѓународни кугларски натпреварувања.
Во денешното интервју ќе ја запознаеме младата Андреа Вељаноска од Битола, која e иднина на македонското куглање и која ќе биде дел од тимот на Македонија на претстојниот кугларски Мундијал што ќе се одржи во Вараждин од 12 до 28 мај.
Андреа е матурант, која како што ќе каже самата, човек со многу интереси, високи цели, голема самодоверба, инает и секако желба за успех.
„За мене овој спорт претставуваше нешто ново и невообичаено кога прв пат во училишните клупи слушнав за куглање и истовремено дружење со мои врсници во мене се разбуди човечката љубопитност која ме донесе до ова ниво и се уште ме води“, вели Андреа.
И самата знае дека куглањето не е многу развиен спорт кај нас па, кога луѓето ќе слушнат за куглањето се малку зачудени.
Некои не знаат ни дека постои такво нешто особено кај нас во Битола, но секогаш сме со отворени врати доколку некој посакува да проба да се пронајде во овој спорт, разочарано ни вели таа, потенцирајќи дека и медиумски куглањето е запоставено во однос на останатите спортови.
Секако дека за тоа дел од „вината“ ја имаме и „ние“ медиумите, кои премногу малку обрнуваме внимание на овој спорт.
„Нашиот град како што знаеме е повеќе фокусиран на фудбалот и ракометот, гледаме дека целиот град како и медиумите се собираат на трибините и даваат огромна поддршка.
Од друга страна пак тука е куглањето кое според мене не го добива вниманието кое како и секој спорт го заслужува, но сепак сме благодарни и се надеваме дека со нашите успеси ќе привлечеме повеќе внимание“, истакнува Андреа.
Со новата куглана во Битола, Андреа сега може уште поупорно и подобро да работи и тренира како би ја збогатила колекцијата на трофеи.
Секој нејзин успех, освоен медал и трофеј се мотив плус за младата битолчанка да продолжи со напорна работа, а таквиот став веќе и донесе повеќе титули од градски првак, државни првенства до 18 и 23 години, па како што вели самата:
Стигнав да бидам и репрезентативка која гордо го вееше знамето на Светското првенство во Крањ, Словенија како и во Риека, Хрватска.
На Светското првенство ја претставуваше Македонија, какво беше чувството?
„Бурата од емоции за мене започна уште кога за прв пат слушнав дека ќе бидам дел од претставничките кои ќе го носат прекрасното знаме. Така што со самото приближување на мојот настап емоциите постепено растеа и стигнаа до ниво кое не би можела да го доловам со зборови, но би можела да кажам дека уште не влезена на патека солзите почнаа да протекуваат и најубавиот товар кој го носи светиот дрес да притиска и да ме носи во височините на недостижното“, видно возбудено и гордо одговара Андреа.
А, за нејзините се планови ќе рече:
„Како што веќе спомнав, Андреа има високи цели и многу сонови кои се составени од светски медали и настапи за најпознатите клубови, но сега главниот фокус е ставен кон подготовките за Светското првенство во мај кое се одржува во Вараждин, Хрватска“, заклучува младата кугларка Вељаноска.
На Андреа ѝ благодариме за одвоеното време и ѝ посакуваме успех во понатамошниот дел од кариерата, зошто да не и медал од претстојниот Мундијал во Хрватска.
Филип Василевски