Аталанта слави на тешкото гостување кај Торино и се враќа на шестата позиција со бод повеќе од Интер, но и натпревар повеќе. Во доста интересен натпревар, со многу шанси, Аталанта издвојуваше победа со 2:1.

Аталанта повеќе играше со топката и повеќе креираше шанси, а тоа резултираше со гол во 34-минута после одличната соло акција на Давиде Запакоста и неговиот прецизен удар во мрежата на Вања Милинкович Савич.

Со овој резултат се отиде на полувреме, а во вториот дел Торино започна да игра поофанзивен фудбал. Првата посериозна шанса ја имаа преку Никола Влашич во 51-минута, но неговиот удар беше запрен од Марко Спортиело.

Во 75-минута Торино успеа да дојде до посакуваниот гол преку Антонио Санабриа кој будно ја следеше ситуацијата и прв налета на одбиената топка.

Само три минути подоцна Едерсон имаше одлична шанса за да го врати водството на Аталанта, меѓутоа Вања Милинкович Савич не му дозволи и со одлична одбрана ја сочува мрежата.

Се играше 88-мата минута кога Запата одлично се ослободи од своите чувари и со прецизен удар успеа да донесе ново водство за Аталанта.

До самиот крај на натпреварот немаше поголеми возбудувања.

Филип Василевски