Возбудувањата во Втората лига се пред кулминација, а секоја од екипите се бори за она што го посакува.
Вардар со сите сили држи чекор со водечките Воска и Гостивар, додека пак од другата страна, Тетекс грчевито се бори за опстанок, а надежите на Тетовчани се уште постојат, откако денес во вистинска драма го победија Пелистер, кој практично остана без шанси да се бори за промоција во Прва Лига.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб, Вардар потешко од очекувањата успеа да го скрши отпорот на Беласица на стадионот во Турново. „Црвено-црните“ имаа целосна инцијатива во натпреварот но недостасуваше реализација се до самиот финиш кога во 81.минута, гостите добија пенал. Истиот мирно го реализираше Николовски, за предност од 0-1, што на крајот ќе биде доволно за три бода.
Лидерот на табелата Воска со рутински 3-1 (2-0) пред својата публика славеше над тимот на Арсими и така ја сочува бодовната предност во однос на второпласираниот Гостивар, и практично дојде на чекор од промоција во прва лига, за прв пат во историјата на клубот.
Сигурна победа издвојува и тимот на Гостивар кој со убедливи 3-0 го совлада Охрид и остана во чекор со Воска, воедно ја задржа предноста од два бода во однос на Вардар, за втората позиција која носи промоција во Првата Македонска Лига.
Највозбудливо беше на натпреварот помеѓу Тетекс и Пелистер, каде тимот на Тетекс дојде до голема победа од 2-1.Во Тетово драмата која траеше 110-минути заврши со среќен крај за домашната екипа. Тетекс ја продолжи битката за опстанок, а Пелистер се поочигледно е дека и следната сезона ќе го гледаме во Втората лига. Тетовчани со гол во последната секунда успеаја да слават 2:1, а причината за долгото продолжение беа немилите сцени на трибините, поточно влез на навивачи на теренот. За среќа полицијата брзо интервенираше и не дојде до несакани последици.
Воска останува лидер со 65 бода, четири повеќе во однос на Гостивар (61) и шест повеќе во однос на третопласираниот Вардар (59).
Филип Василевски