Македонскиот шампон МЗТ Скопје Аеродром со голем пресврт во второто полувреме ја победи Цибона и остана во игра за избегнување на последното место во АБА лигата што води во второлигашката конкуренција.
Аеродромци пред своите симпатизери во „Јане Сандански“ ја победија Цибона со 87-74 во натпревар од последното коло, па со „скор“ од 7 победи и 19 порази, МЗТ Скопје сега е на претпоследното место на табелата.
Што се однесува до денешниот натпревар, МЗТ ги загуби првите две четвртини со 19-21 и 22-32, за на големата пауза да замине со негатива од 12 (41-53).
На стартот на вториот дел МЗТ одигра како во транс. Со серијата 12-0 за 4.минути стигнаа до израмнување (53-53), а продолжија во ист стил, па добивајќи ја четвртината со неверојатни 30-05, аеродромци во последниот период влегоа со +13 (71-58).
Таквата предност рутинирано ја одржуваа и на крајот сино-белите славеа со конечни 87-74 .
Најефикасен во редовите на МЗТ Скопје беше Кефи со 19 , додека Бурсаќ постигна 17 поени.
Сега МЗТ ќе го чека исходот од утрешниот натпревар во Подгорица во кој Будуќност го пречекува Борац Чачак, натпревар во кој аеродромци ќе навиваат за црногорскиот шампион да победи, во спротивно, победа на Борац ќе значи крај на сезоната за МЗТ Скопје во АБА лигата.