Во најинтересниот натпревар од четвртфиналето во Лигата на шампионите, Баерн Минхен беше убедливо поразен на „Етихад“ од Манчестер Сити со 3:0.

Со тактичка борба и атрактивна игра фудбалерите на двете екипи одиграа одлично прво полувреме.

Во 27-та минута Родри со „бомба“ во горниот десен агол од голот на Јан Зомер го доведе Манчестер Сити во водство.

Самиот старт на вториот дел изобилуваше со голем број на прилики и отворена игра. Очајната игра на Упамекано во продолжението, ги чинеше Баварците втор гол во својата мрежа. Голот за 2:0 го постигна Бернардо Силва, по одлична асистенција на Ерлинг Халанд во 70-та минута.

За третиот гол во мрежата на Баерн се чекаше само 7-минути. Стрелец беше Ерлинг Халанд, кој го постигна својот 11-ти погодок во Лигата на шампионите оваа сезона.

Феноменалното второ полувреме со прекрасната комбинаторика и блескавите обострани шанси, беше само најава за реваншот во Минхен.

Во лигашките натпреварувања, Манчестер Сити на домашен терен ја очекува екипата на Лестер, а избраниците на Тухел го пречекуваат Хофенхајм, пред реваншот во Лигата на шампионите што ќе се одигра на „Алианц арената“ во Минхен за 8 дена.

Марио Петровски