Интервју со Филип Трајчевски
Филип Трајчевски е 24 годишен голман кој во моментов е се наоѓа во далечната Австралија.
Во младинските категории имаше можност да се развива како голман во школите на Пелистер и Вардар, како и во школата Талент во Битола. Неговата посветеност, труд и талент можеше да се забележи на терените. Тоа што денес Филип не е стандарден голман во нашата Прва лига или во некоја европска екипа, не се должи на неговата работа или посветеност, туку на нефудбалски фактори кои замешаа прсти во неговата кариера.
Преку разговорот лесно откриваме дека со тој е „жртва“ на лошата политика и непрофесионалност во македонскиот фудбал.
Твоите почетоци се во Пелистер, па следува школата Талент и потоа Вардар, каде успеа најмногу да научиш и да напредуваш?
„Како и секое дете од Битола кое било на стадион да го гледа ФК Пелистер, по таква атмосфера, едноставно добива желба да почне да тренира и да се надева дека еден ден ќе има можност да игра пред полни трибини, па така и јас изразив желба да почнам да тренирам. После неколку години се решив да преминам во школата Талент на многу добро познатиот и докажан младински тренер Златко Цветаноски каде што бележевме доста успеси. Кога веќе дојде време да преминам во сериозен прволигашки клуб, јас тогаш го избрав ФК Вардар каде што напредував многу како голман, но исто така и како човек“, вели Филип.
Ниту на сон тој неможе да замисли дека неговата сениорска кариера, ќе започне со големото македонско „Супер дерби“ меѓу Вардар и неговиот матичен клуб Пелистер, а дека тој ќе стана и најмладиот голман кој дебитирал во црвено-црниот вардаров дрес.
„После многу одиграни натпревари во Б-лигата на 16 години (сите знаеме каква голманска конкуренција имаше Вардар во тоа време, имав чест и квалитет да бранам пред Павловиќ кој има над 100 настапи во нашата прва лига, Кобетиќ и други) дојде време со 17 години и еден месец да дебитирам и да станам најмладиот голман во историјата на ФК Вардар токму против мојот матичен ФК Пелистер. Чувството искрено не може да се опише и сум многу среќен што такво нешто сум доживеал“, со многу емоции се сеќава Филип.
Како младински голман се поврзуваше со трансфер во Италија, што се случи?
„На многу натпревари со националниот тим јас бев “скаутиран“ од различни агенти низ Европа. По победата над Италија на гостински терен јас добив прилика да бирам помеѓу неколку италијански и други европски клубови. Не познавајќи ги менаџерските игри и дека сите “те сакаат” дури имаат корист од тебе, јас за жал не ја искористив таа прилика, да одам и да се развивам како млад играч во некој голем европски клуб“,
разочарано ни раскажува Трајчевски за сите ветувања кои ги добивал, но никогаш не се исполниле.
24-годишниот чувар на мрежите важи одличен голман кога во прашање се ударите од белата точка, за што говори и неговата статистика на многу одбранети пенали, а сето тоа се должи на неговата посветеност и професионалност.
„Јас сум професионалец и секогаш гледам да си ги олеснам работите, тоа е исто и со пеналите. Пред секој натпревар правам анализи на скоро секој противнички играч. Тоа може да биде да гледам утакмица што се изиграла пред 2 години, за јас да можам “да му влезам во главата“ на противникот.
Тактиката е тренинг, одмор и анализа како еден вид домашна задача“, Филип ни ја открива тајната.
Љубовта кон Пелистер очигледно била пресудна повторно да стане дел од битолскиот клуб, а причината да замине и тоа во далечната Австралија е.
„Љубовта кон Пелистер не може да се скрие и ми е драго што секој љубител на клубот тоа го виде. Причината за заминувањето е тонењето на македонскиот фудбал и клубови за жал. Градиш темели за после да се потпираш на нив и на крај поради политички/приватни причини на поединци, на клубот одново му требаат тие темели.
Секој почеток е тежок, па така е и мојот во Австралија“.
За жал поради административни пречки работите не тргнале перфектно, на стартот, но тој е млади и перспективен и човек што не се предава, па Филип ќе ни рече,
„Што е мое ќе си дојде“
На Филип му благодариме за одвоеното време и му посакуваме среќа во понатамошниот тек на неговата кариера.