Ден „Д“ за кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром. Сино-белите вечерва гостуваат кај Сплит во меч кој по секоја цена мора да го добија. Ова е натпревар од претпоследното коло во АБА лигата, во кое МЗТ влегува со една победа помалку од Борац Чачак кој во оваа рунда ја пречекува фаворизираната Црвена Звезда.
Аеродромци и онака ќе имаат тешка задача, која дополнително е отежната со отсуството на првиот тренер Драган Николиќ, кој поради Ковид19 не отпатува за Сплит, па на овој меч, неговото место ќе го заземе првиот помошник Васко Атанасов.
„Не треба да потенцирам дека за нас ова е уште еден натпревар во кој мора да дадеме сѐ од себе, да одиграме најдобро што можеме и да победиме ако сакаме да ги задржиме шансите за опстанок во АБА лигата. Изминатава недела се соочувавме со здравствени проблеми, но тоа не нѐ спречи да одработиме максимално и добро да се подготвиме. Против себе имаме квалитетен тим, кој игра одлично, особено на домашен терен. Но, на нас е да го дадеме максимумот и да пробаме да останеме во игра за останување меѓу најдобрите во регионот“,
вели помошникот-тренер Атанасов.
Натпреварот меѓу Сплит и МЗТ Скопје што ќе се игра во салата „Грипе“ ќе започне од 18 часот.