Еурофарм Пелистер е домаќин на Мотор Запорожје во можеби најважниот натпревар во досегашниот тек од сезоната во ЕХФ Европската лига.
Битолчани пред своите симпатизери решаваат дали ќе играат во осминафиналната рунда со директниот конкурент Мотор, за кој опција е само победа, додека на нашиот претставник му одговара и нерешен исход.
Но во таборот на пелистерци размислуваат само за победа која може да ги одведе и до третото место, а со тоа во осминафиналето да им донесе и условило полесен противник.
„Ако имаме поддршка како што нормално добиваме во нашата сала, тоа ќе ни биде од голема помош. Се надевам дека луѓето ќе дојдат и ќе ни дадат поддршка. По враќањето на некои повредени ракометари, добиваме на стабилност. Имаме многу натпревари во овој период, но мора да размислуваме позитивно. Го вративме ритамот, дури и во поразот во Берлин видов добри работи. Работевме некои детали кои ќе ни послужат за дуелот против Мотор. Веќе го подготвуваме дуелот против Украинците, ќе биде тешко и сериозно ќе ги сфатиме. Играа добро во последните натпревари, но имам позитивни вибрации за вторник“,
изјави Ларс Валтер, тренерот на Еурофарм Пелистер.
Во пресрет на последното коло, сигурни на првите две позиции се Фуксе Берлин со 18 и Архус со 14 бодови, трет е тимот на Ирун Бидасоа со 7, а Пелистер е зад него со 6 бодови. Украинскиот Моtор има еден помалку (5), а на последното место е Агуаш Санташ со 4 бода.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Мотор Запорожје на програмата е утре со почеток од 20:45 часот.