Најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски од денеска и официјално е член на АК Корранерс. Соработката со клубот е на една година, а Ивановски со првиот настап оваа сезона на митингот во сала викендот во Будимпешта покажа дека е во добра форма. Инаку, преминот на Ивановски од Делта во Корранерс беше најавен на почетокот на годината, а официјализиран денеска.
Во овој клуб видов многу позитивни работи во изминатиот период и тоа беше причината за нашата соработка. Очекувам настап на Европското првенство во сала во Истанбул на почетокот на месец март, а потоа ќе следуваат натпреварите на отворено, изјави секогаш скромниот Дарио Ивановски.
Тренерот на Ивановски, Игор Јакимовски истакна дека ова е знак на успешен почеток на соработка на клуб и поединец во мак-атлетиката.
Клубот се подготвува за новата сезона пред се со активностите на трките на домашна сцена и настапи на трки на членовите воглавно на полумаратони и маратони, а за преминот на Ивановски секако очекуваат долга соработка.
За нас е голема чест и обврска најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски да биде во нашите редови. Се надевам дека соработката ќе биде подолготрајна, изјави претседателката на клубот Делфина Митропетру.
Инаку, Ивановски има мали проблеми во календарот на настапи во сала бидејќи поради земјотресот во Турција одложено е Балканското првенство.
Да се надеваме дека ова е само прв чекор и дека сите македонски спортисти кои заслужуваат ваков третман ќе потпишуваат професионални договори.