Екипата на Далас го претрпе и четвртиот пораз на последните пет одиграни средби.

На натпреварот одигран вечерва пред својата публика „Маверикси“ загубија од Лос Анџелес Клиперс со 112-98.

И ако по три четвртини дуелот беше израмнет 79-79, во последната гостите од ЛА одиграа одлична одбрана и на домаќините им дозволија да уфрлат само 19 поени, наспроти нивните 33.

Дуелот на првите ѕвезди на екипата му припадна на гостинскиот кошаркар, Каваи Ленард кој на 30 поени додаде и 9 скокови, па дабл-дабл учинокот на Лука Дончиќ со 29 поени и 10 скокови падна во сенка.

Покрај овие двајца, интересен беше и дуелот на Тим Хардевеј Џуниор и Пол Џорџ во кој двајцата кошаркари имаа по 21 постигнат поен.

По овој пораз Далас остана на петата позиција на табелата во Западната конференција со 25 победи и 23 порази, а сега веднаш зад нив е тимот на ЛА Клиперс со „скор“ 25-24.

Во тек е второто полувреме на мечот меѓу Мајами и Њу Орлеанд, а подоцна вечерва ќе се играат уште пет натпревари од кои ја издвојуваме пресметката меѓу шампионот Голден Стејт „Вориорс“ и Бруклин „Нетс“.