Во рамките на 23. коло од Првата лига кај дамите, екипата на Атлетик на домашен терен ја совлада Деспина со убедливи 39:26.

Натпреварот започна одлично за домаќинките, кои отворија со серија од 4:0. Деспина успеа да се врати во игра и во 12. минута намали на 7:5, но Атлетик сигурно ја одржуваше предноста. Со нова серија од 4:0, домашниот тим повторно се одлепи и стигна до високи 15:8, а на полувреме резултатот изнесуваше 17:9.

Во второто полувреме Атлетик целосно доминираше на теренот, не дозволувајќи му на противникот да се доближи. Во 38. минута предноста порасна на +10 (23:13), по што разликата само се зголемуваше до самиот крај. Деспина не успеа да најде решение за расположената игра на домаќинките, па натпреварот заврши со убедливи 39:26.

Најефикасни во редовите на Атлетик беа Дамјановска со шест и Босилковска со пет погодоци, додека кај Деспина се истакна Христоска со осум гола.

Ивона Кимовска