Тимот на Наковски волеј е нов финалист во женската одбојкарска Прва лига по големиот триумф над актуелниот шампион Јанта волеј.
По триумфот на првиот меч во Струмица со 3:1, избраничките на Хари Наковски покажаа супериорност и на реванш натпреварот во гости. Струмичките одбојкарки славеа во Скопје со максимални 0:3 во реваншот и го елиминираа бранителот на трофејот од понатамошното натпреварување.
Првиот сет гостинките го добија со релативно лесно со 19:25, додека во наредните два се водеше израмнета битка за секој поен на теренот. Наковски волеј ги доби неизвесните завршници со 24:26 и 23:25, покажувајќи поголема концентрација во клучните моменти од ова полуфинале.
Овој успех на струмичката екипа, значи дека македонската женска одбојка ќе добие нов шампион во тековната натпреварувачка сезона 2025/2026.
Струмичкиот состав во големото финале ќе се бори за својата прва историска титула против екипата на Работнички. Скопјанки во полуфиналето во два меча го елиминираа штипскиот состав на Младост УГД.
Финалната серија се игра според принципот „подобар во пет“ и започнува на 27 април со натпревар во Струмица.


































