Пелистер не успеа да ја оправда фаворитската улога и одигра само 26-26 против младиот тим на Алкалоид во дербито од 14. коло на Супер лигата. Иако актуелниот првак имаше предност од седум гола и контролираше голем дел од мечот, избраниците на Кирил Лазаров со силен финиш се вратија во игра и стигнаа до бод.

Домашните имаа сигурно водство од 23-16 во второто полувреме, но падот во ритамот и серијата грешки им дозволија на Алкалоид да се вратат во мечот.

Алкалоид го предводеше блескавиот Галевски, кој со седум одбрани – меѓу кои и два пенали во самиот финиш – се издигна како вистински јунак. Неговите интервенции ја одржаа надежта на скопскиот состав и го овозможија драматичното израмнување на 20 секунди до крајот.

Клучниот момент беше во 55-та минута, кога Галевски го одбрани пеналот на Манасков и му даде ветер во грб на својот тим. Ѓоргиев потоа погоди за 26-26. Во последните секунди младиот голман Галевски повторно блесна со уште една одбрана на седмерец за големо реми.

Стојковиќ беше прв стрелец за гостите со осум гола, а Ѓоргиев запиша шест. Кај Пелистер, Манасков реализираше девет пати, а Митревски блесна со 13 одбрани.

Пелистер со овој кикс заостанува четири бода зад лидерот Вардар, додека Алкалоид се израмни со ГРК Охрид на третото место со по 21 бод.