Екипата на Денвер забележа уште една победа, по враќањето на Никола Јокиќ на теренот. Одново на домашен терен Денвер славеше сега против Јута со убедливи 129-93.

Јокиќ вообичаено беше најдобриот играч на Нагетс. Србинот натпреварот го заврши со дабл-дабл со 27 поени и 14 скокови на кои додаде шест асистенции. Популарниот „Џокер“ на крајот на полувремето, погоди неверојатна тројка, со една рака, од својата половина.

Јокиќ стана најмладиот играч кој стигна до бројките од 16.000 поени, 8.000 скокови и 5.000 асистенции

Денвер се зацврсти на 3.место во Западната конференција, со победа помалку од Хјустон кој е втор, а две повеќе од Мемфис и ЛА Лејкерс.