Два македонски претставника попладнево ги играат реванш натпреварите од второто коло од ЕХФ Европскиот куп. И двата тима (Алкалоид и Охрид) на гостински терен ќе се обидат да ги потврдат победите од првите натпревари и со тоа да ги продолжат натпреварите во следната рунда од ова европско натпреварување.

Први (според времето) на терен ќе се појават ракометарите на Алкалоид, кои имаат и фаворитска улога во дуелот литванскиот ривал Драгунас Клаипеда.

На првиот дуел во Скопје пред седум дена Алкалоид славеше убедлива победа со 42:31 и во годинашнава сезона на 10 натпревари во сите натпреварувања тимот на Кирил Лазаров има 10 победи. На денешниот натпревар во екипата на Алкалоид ќе недостасува најдобриот стрелец од првиот дуел Никола Костески, кој поради повреда на првенствениот дуел со Еурофарм Пелистер ќе мора да паузира.

Почетокот на натпреварот што се игра во Клаипеда е во 15 часот, а ќе го судат Алиса Ватсон и Лине Велин од Шведска.

Вториот македонски тим Охрид гостува во Романија кај екипата на Потаиса Турда.

Охриѓани на првиот дуел постигнаа победа од 31:25. Секако победата од шест голови е солидна предност, но тренерот на Охрид Стевче Алушовски знае дека екипата мора добро да биде подготвена особено што ракометарите на романскиот тим ќе бидат ногу поагресивни во сите 60 минути од реваншот. Екипата на Охрид е подготвена за новиот предизвик.

Натпреварот во Турда Арена почнува во 17 часот, а ќе го судат Јорго Панајидес и Мариос Андреу од Кипар.