Со триумф на Франција во Скопје заврши 24-тото Светското првенства за ракометарки до 20 години чиј успешен организатор беше Ракометната федерација на Македонија (РФММ).
Од 19 јуни до денеска, со СЦ „Борис Трајковски“ и СЦ „Јане Сандански“ 32-те селекции одиграа 116 натпревари. Во финалето младите Французинки ја победија Унгарија со 29-26 и за прв пат ја освоија шампионската титула. Бронзата ја освои Холандија која со 34-28 ја совлада Данска.
Претседателот на Светската ракометна федерација (ИХФ) Хасан Мустафа, упати честитки до РФМ за успешната организација.
„Одлично поставените организациско-инфраструктурни капацитети, пријателскиот прием на ракометарките, тренерите и официјалните лица, како и верните ракометни навивачи, се пример за страстна ракометна нација, но и за способност да се испорача спортско доживување од светски калибар.
Другарството и спортскиот дух, се најверодостоен доказ за инклузивниот дух на спортот што нé обединува сите нас“,
истакна д-р Мустафа,
РФМ за организација на овој настан вклучи бројни човечки ресурси: 110 волонтери, 32 водичи на селекциите, 27 скаути, 7 одговорни лица на сали, 10 професионалци од РФМ, 10 офицери за допинг-контрола, 18 медиумски работници, технички лица за спроведување на натпреварите. Воедно беа ангажирани и лица задолжени за забавниот дел, како и оние задолжени во делот на техничка поддршка и опрема.
Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, упати посебна благодарност до ИХФ, за полната доверба која оваа институција ја довери на Македонската федерација.
„Би сакал да се заблагодарам на сите кои беа вклучени во овој проект: вредните волонтери, бројните спортски работници, тимот во Федерацијата, партнерите од доверба, медиумите, нашите поддржувачи – сите кои веруваа дека можеме да се носиме со уште еден ваков голем проект.
Се надевам дека оваа заемна доверба, соработка и силното спортско партнерство, ќе продолжат да се надградуваат и во иднина”,
истакна Мукаетов.
Овој шампионат беше 10-ти јубилеен настан од висок ранг во организација на ова раководство на РФМ. Зад нас се 6 европски и 4 светски првенства, од кои 9 во младинска и 1 во сениорска конкуренција.