Македонскиот спорт ќе добие поддршка во спортска техника и опрема со цел што поуспешна организација на Европските младински олимписки игри што треба да се одржат во Скопје во 2025 година.
Покрај техниката и опремата, Македонскиот олимписки комитет (МОК) ќе добие и дополнителна финансиска и логистичка поддршка. Тие ќе бидат наменети за реализација на амбициозните планови и програми насочени кон остварување успешни резултати на македонските спортисти.
Ова е резултат на работните средби што ги остварија претседателот на МОК, Даниел Димевски и генералниот секретар на МОК, Сашо Поповски во рамки на 53-тото Генерално собрание на Европските олимписки комитети (ЕОК) што се одржува во Букурешт, Романија.
Димевски и Поповски на ова собрание добија силни ветувања за финансиска и логистичка поддршка од претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах и претседателот на ЕОК, Спирос Капралос.
На разговорите со Бах и Капралос особено се истакнува посветеноста и безусловната поддршка и доверба на врвот на ИОК и ЕОК во однос на последните случувања поврзани со Македонскиот олимписки комитет.
Притоа беше ставен силен акцент на заедничките напори за изработка на нов Закон за спорт кој конечно ќе биде усогласен со Олимписката повелба на ИОК.





































