Екипата на Охрид е третиот патник во полуфиналето на плејофот во Втората машка кошаркарска лига.
Ова откако, попладнево во мајсторката охриѓани го совлада Работнички со 77-58 и со 2:1 во победи ја доби серијата.
Во првиот период, по израмнетите 10-10 гостите од Охрид направија серија од 7-0 и на првата пауза заминаа со предност 17-10.
Ист тек имаше и втората четвртина, по која Охрид ја зголеми предноста на +12 (34-22).
По само три минути игра во второто полувреме гостите ги имаа и најголемите +17 (42-25), а во завршните 10-минути да влезат со предност со 12 поени (53-41).
Така Охрид се избори за место во полуфиналето во кое за противник ќе го има победникот од утрешната мајсторка во Штип каде Соколи го пречекува Куманово.
Потсетување дека во првото полуфинале ќе играат Вардар и Ангели.
Екипите што ќе обезбедат пласман во финалето, следната сезона ќе играат во Првата лига.