Сè што беше градено низ годините наназад се сруши како кула од карти во само една година. Календарската 2026 е најнеуспешната во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал.
Дебаклот и очајните резултати се главната причина ФФМ и Гоце Седлоски спогодбено да ја прекинат соработката. Ова денеска официјално го потврдија од „Куќата на фудбалот“.
„Понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат. Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал. ФФМ му се заблагодарува на Гоце Седлоски за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос. Веруваме дека неговото искуство, знаење и љубов кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на нашиот фудбал, клупски или репрезентативен“, соопштија од федерацијата.
Разделбата со Седлоски беше очекуван и неизбежен потег по серијата очајни изданија на националниот тим. Сега пред раководството на федерацијата стои тешка задача да пронајде вистинско решение за селекторската клупа.
Македонската јавност очекува брза реакција и нов почеток кој ќе ја врати довербата во репрезентацијата. По годината за заборав, на националниот тим му се потребни свежа енергија, јасна визија и резултати на теренот.



































