Словенечкиот ас Лука Дончиќ ги предводеше Лос Анџелес Лејкерс до осмата победа по ред во НБА-лигата. Тимот од Калифорнија славеше на гостувањето кај Феникс Санс со резултат 131:123. Лејкерс стигнаа до триумфот иако настапија без повредениот втор стрелец Остин Ривс.

Дончиќ го заврши мечот со 43 поени и девет асистенции како прв стрелец во лигата. Тој погоди пет тројки и 12 слободни фрлања за шестиот сезонски настап со над 40 поени.

Со овој настап Дончиќ испиша историја со вкупно 468 поени на првите 12 натпревари. Словенецот го урна рекордот на Џејмс Харден од 464 поени од сезоната 2019/2020. Ова е најдобриот поентерски старт во НБА во последните пет децении. Подобар почеток имал само легендарниот Вилт Чемберлен пред дури 64 години.

Дончиќ стана и четвртиот играч на Лејкерс со 40 поени на четири меча по ред. Пред него тоа им успеало само на Џорџ Микан, Елџин Бејлор и Коби Брајант. Тој постави рекорд и со седум натпревари во низа со најмалку 35 поени и пет тројки. Во следното коло Лејкерс го пречекуваат Шарлот

НБА РЕЗУЛТАТИ
ФИЛАДЕЛФИЈА – ИНДИЈАНА 131:124
ФЕНИКС – ЛА ЛЕЈКЕРС 123:131
ЛА КЛИПЕРС – ШАРЛОТ 113:105
ЈУТА – САН АНТОНИО 102:110
БОСТОН – ДАЛАС 131:94
ТОРОНТО – ЊУЈОРК 108:112 (ПО ПРОДОЛЖЕНИЕ)
ВАШИНГТОН – ХЈУСТОН 119:147
МИЛВОКИ – АТЛАНТА 106:113
САКРАМЕНТО – ОКЛАХОМА СИТИ 103:125