Македонската фудбалска репрезентација интензивно се подготвува за завршните два натпревари од групната фаза во Лигата на нациите. Напаѓачот на Шкендија, Марко Ѓорѓиевски, верува дека Македонија може да се врати на посакуваното ниво и да оствари позитивен резултат во Глазгов.
Избраниците на селекторот Гоце Седлоски прво ќе гостуваат кај Шкотска, а потоа на домашен терен ќе играат против Словенија.
Потенцијалниот дебитант во националниот тим се надева дека со својот придонес ќе помогне да се надмине резултатската криза.
„Се надевам дека доколку добијам шанса на натпреварите, ќе имам свој придонес и дека ќе почнеме да се движиме во нагорна линија, онака како што заслужува оваа репрезентација.
Во секоја репрезентација и во секој клуб доаѓа до одреден период на криза, но мислам дека е време да излеземе од неа и се надевам дека се ќе биде како што треба“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој смета дека искуството и натпреварувачката форма на поискусните репрезентативци ќе бидат клучен фактор на претстојните два дуела. Според него, националниот тим поседува квалитет достојно да му се спротивстави на силниот противник на гостински терен.
„Поискусните фудбалери во репрезентацијата веќе се во натпреварувачка форма и мислам дека тоа ќе се покаже на натпреварите против Шкотска и Словенија.
Верувам дека селекторот ќе најде начин како да се поставиме и да одиграме одличен натпревар, да и се спротивставиме на Шкотска и да оствариме позитивен резултат“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија го игра првиот натпревар против Шкотска во петок во Глазгов. Само три дена подоцна, нашите фудбалери во Скопје ќе ја пречекаат селекцијата на Словенија за крај на овој циклус.






































