Машката ракометна репрезентација на Македонија денеска во Скопје ги започна подготовките за новиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство во 2028 година. Селекторот Кирил Лазаров ја направи првата прозивка пред воведните натпревари против селекциите на Луксембург и Грција.
Во нашата квалификациска група се наоѓа и силната репрезентација на Шведска, која важи за топ-фаворит за освојување на првото место. Директен пласман на континенталниот собир обезбедуваат двете прворангирани селекции од групата.
 
На првата прозивка Лазаров истакна дека националниот тим ја прифаќа фаворитската улога на стартот, но побара максимална сериозност.

„Прв ривал ни е Луксембург, нема да бегаме од фаворитската улога, имаат нов докажан стратег – Дидие Динар. Очекувам да бидеме на висина на задачата, но ќе барам внимателност од момците“, изјави Лазаров на денешниот собир.

 
Тој нагласи дека стручниот штаб нема многу видео-материјали од играта на првиот противник.

„Максимално ќе го искористиме краткиот период за подготовка и очекувам да бидеме прецизни и фокусирани во работата“, додаде предводникот на македонскиот национален тим.

Лазаров потенцираше дека голем акцент ќе се стави на техничко-тактичките замисли за дуелот во среда. Ново име на списокот е левиот бек на унгарскиот ПИК Сегед, Дмитро Горига, кој веќе се приклучи на тренинзите.

„Се работи за квалитетен играч, кој изрази желба да игра за Македонија“, рече селекторот за поранешниот ракометар на Вардар.

 
Според него, со натурализираниот бек репрезентацијата добива поширока ротација и поголема конкуренција во составот. На првиот тренинг недостасуваа шестмина ракометари од Вардар 1961 и од Еурофарм Пелистер поради денешното суперлигашко дерби.

Тој посочи дека несекојдневниот термин на вечното дерби во ниту еден случај нема да се користи како алиби.

„Се надевам дека репрезентативците ќе дојдат здрави, но во овие ден-два ќе мора да ја подигнеме атмосферата“, заврши македонскиот селектор.

 
Македонија го пречекува Луксембург в среда од 19:00 часот во салата „Борис Трајковски“, а на 8 ноември му гостува на составот на Грција во Халкида.