Кошаркарите на МЗТ Скопје со пораз ја почнаа сезоната во регионалната АБА2 лига. Македонскиот шампион загуби на гостувањето кај Сутјеска со 85-75.
Со многу осцилации сино-белите го одиграа овој натпревар. Првиот квартал му припадна на домаќинот со 5 поени предност, кој во вториот имаше и најголеми плус девет. Сепак, МЗТ во завршницата успеа да направи комплетен пресврт и на полувреме да замине со еден поен предност (39-40). Во третиот квартал избраниците на Васко Атанасов во неколку наврати имаа плус 4, но домашниот состав беше оној кој во последниот период влезе со позитива од еден поен. Сутјеска се одлепи кон средината на четвртиот период, по што нашиот тим не успеа да се врати во игра.
Само двајца кошаркари на МЗТ имаа двоцифрен број на поени. Фарахан заврши со 18, а Димитрие Николиќ со еден помалку (17).
Ова е натпревар од „Ц“ групата во која се и екипите на Триглав Крањ и Слобода Ужице. Пласман во втората фаза ќе обезбедат само двете најдобри екипи од секоја од четирите групи.
Следниот натпревар аеродромци ќе го играат дури на 5 декември, кога во Скопје ќе гостува екипата на Триглав.
































