Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп, екипата на ГРК Охрид, новата европска авантура ја стартува пред својата публика.

Охриѓани постигнаа договор со турскиот претставник Спор Тото двата натпревари од второто коло да се одиграат во салата „Билјанини извори“.

Првиот европски предизвик за македонскиот тим е закажан за денеска (23 октомври), додека реваншот ќе се одигра веднаш следниот ден (24 октомври). Двете ракометни пресметки против турскиот состав ќе започнат во терминот од 18:30 часот. Очекувањата се големи бидејќи ракометарите на ГРК Охрид имаат јасна цел за успешна одбрана на престижниот трофеј.

Утре на терен ќе истрчаат и другите две македонски екипи претставници во ова натпреварување.

Екипата на Алкалоид која пред две сезони го освои трофејот во ова натпреварување, од 19 часот гостува кај австрискиот претставник Ферлах. Скопскиот тим има одлична залиха откако на првиот натпревар во Автокоманда забележа убедлива победа со резултат 31:22.
Тимот на Бутел, на домашен терен во Скопје, ќе има потешка задача во реваншот против хрватската Горица кој започнува од 17 часот. Македонскиот состав ќе се обиде да ја анулира негативата од 24:27 која ја донесе од првото гостување.

Сите три македонски клубови имаат реални шанси и голема мотивација за пласман во следната фаза од натпреварувањето.