Салата „Билјанини Извори“ во Охрид, вечерва ќе биде епицентар на европскиот ракомет и место каде се пишува нова македонска спортска историја.
Ракометарите на Охрид излегуваат на мегдан против унгарска Татабања, во реванш натпреварот од големото финале на ЕХФ Европскиот куп.
Охридските „сини“ во овој клучен дуел влегуваат со минимална, но огромна како планина предност од еден гол од првиот меч. Херојската победа во Унгарија со 29:28 докажа дека овој тим има квалитет, карактер и срце за највисоки европски дострели. Избраниците на Борис Ројевиќ покажаа импресивна ментална стабилност и фанатична борбеност кога тоа беше најпотребно на жешкиот гостински терен. Сега пред нив е последната и најважна пречка до остварување на историскиот сон и подигнување на престижниот сребрен пехар.
Охрид се наоѓа во вистинска навивачка ракометна треска, бидејќи сите влезници за овој спортски спектакл се распродадоа многу одамна.
Преполната сала ќе биде вистински ракометен „вулкан“ кој ќе им даде дополнителен ветер во грб на македонските ракометари. Гостите од Унгарија доаѓаат со силен мотив да ја анулираат негативата, но во Охрид никој не смее да биде фаворит.
Клучот за победа ќе биде агресивната одбрана предводена од голманот Кристијан Пилиповиќ кој блескаше на првата средба во Унгарија. Стручниот штаб максимално ги одмори најдобрите поединци во домашното првенство за тимот да биде максимално свеж за дуел.
Македонија има шанса да го задржи европскиот трофеј во свои раце по минатогодишниот голем триумф на екипата на Алкалоид.
Дуелот Охрид – Татабања ќе почне во 20 часот, а ќе може да го ГЛЕДАТЕ ВО ЖИВО ОВДЕ. 👇👇👇





























