Ракометарките на Спартак направија големо „сензационално“ изненадување и со пласмнот во финалето на Купот на Македонија.

Во второто полуфинале од Купот, Спартак иако важеше за аутсајдер, во неизвесна завршница го совлада составот на Чаир со 24-23.

Натпреварот започна со водство на Спартак од 2:0, но Чаир експресно возврати и израмни на 2:2. Во продолжение се играше израмнето, со чести промени на водството, но без некоја екипа да успее да се одлепи резултатски. Во 20-тата минута, Спартак направи мала предност со серија од 2:0 за водство од 9:7, која успеа да ја одржува во следниот период. Сепак, Чаир во 26-тата минута повторно се врати и израмни на 10:10. Финишот на полувремето му припадна на Спартак, кој со серија од 3:0 се одлепи на 13:10 и со таа предност замина на пауза.

Во второто полувреме Спартак на почетокот ја држеше контролата на резултатот, но во 42. минута Чаир успеа да израмни на 16:16 и внесе нова неизвесност во натпреварот. Сепак, „спартанките“ веднаш возвратија со серија 2-0 и повторно се одлепија на 18:16. Во продолжение се играше во ритам на мали серии, а Спартак постепено ја гради предноста. Во 54. минута стигнаа до +3 (21:18), што им даде поголема сигурност. Чаир уште еднаш се врати во игра и во 58. минута намали на само гол разлика (22:21), заканувајќи се со можен пресврт во самиот финиш. Но, Спартак не дозволи изненадување — во 59. минута повторно се одлепи на +2 (23:21) и го затвори натпреварот. Крајниот резултат беше 24:23 во корист на Спартак.

Противник на Спартак во борбата за пехарот ќе биде бранителот на трофејот Ѓорче Петров кој во полуфиналето беше подобар од Пелистер. Финалниот меч, дамите, ќе го играат утре од 17 часот. По нив (20 часот) следува финалето во машка конкуренција меѓу Вардар и Охрид.

Ивона Кимовска

Следете нé на социјалните мрежи