Екипите на Пелистер и маџари забележаа значајни гостински победи во рамките на 2.коло од ТОП-6 фазата во домашниот кошаркарски шампионат.

Битолски Пелистер успеа да ги поправи впечатоците од претходните гостувања со сигурна победа над Кожув во Гевгелија со 95:85.

Битолчани водеа во текот на целиот меч, а победата ја потврдија со стабилна игра во последната четвртина од средбата. Тандемот Малешевиќ-Дејвис искомбинира вкупно 41 поен, со што ги предводеа сите пет стартери со двоцифрен број на реализации. Со овој успех Пелистер го потврди третото место и најверојатно ќе се соочи со шампионот МЗТ Скопје во полуфиналето. Во редовите на Кожув најефикасен беше Боувен со 22 поени и девет скока, но домашниот состав не го издржа притисокот.

Маџари славеше во Кавадарци против Тиквеш Голден Игл со резултат 100:97 по големиот пресврт во второто полувреме од натпреварот.

Иако домаќините имаа двоцифрена предност на паузата, скопскиот состав успеа да се врати во игра преку расположениот Грин. Тој постигна 27 поени и 12 скока, додека Армстронг и Луис додадоа по 21 поен во клучните моменти. Со овој триумф, екипата на Маџари се искачи на четвртата позиција, која е последна за пласман во плеј-оф разигрувањето. Кај кавадарчани најдобар беше Минси со 22 поени, но тоа не беше доволно за да се спречи налетот на гостите.

Во првиот денешен натпревар, ТФТ го доби дербито против МЗТ Скопје и се зацврсти на 1.место на табелата.

СУПЕР ЛИГА (МАЖИ) – ПЛЕЈ-ОФ 2 КОЛО

ТФТ – МЗТ СКОПЈЕ А. 93-91
КОЖУВ – ПЕЛИСТЕР 85-95
ТИКВЕШ – МАЏАРИ 97-100