Македонскиот одбојкарски репрезентативец Владо Милев одново ќе го носи епитетот интернационалец.
Искусниот одбојкар на паузата во првенството ја прекина соработката со актуелниот шампион Струмица каде ја извршуваше и функцијата претседател на клубот. Во полусезона тој ќе биде играч на унгарска Казинбарчика.
Унгарскиот клуб е позната средина за Милев, кој претходно настапуваше таму во периодот од 2017 до 2019, и освои две шампионски титули и еден куп-пехар.
Репрезентативецот и Казинбарчика се договорија на соработка до крајот на сезоната, а Милев со овој трансфер ќе остане во квалитетна натпреварувачка форма во пресрет на Европската лига 2026, како и учеството на Европското првенство во септември во Софија.
Владо Милев ќе биде вториот македонски интернационалец во Унгарија откако претходно Александар Љафтов ги засили редовите на МАВ Елоре.





































