Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром го претрпе вториот пораз во регионалната АБА2 лига. На гостувањето кај Златибор, тимот на МЗТ загуби со 102-74.
Ниту едно од четирите периоди избраниците на Васко Атанасов не успеаја да добијат. Затоа и немаше да се очекува ништо друго, освен пораз.
Најрамноправен аеродромци беа само во првиот квартал по кој заостанаа еден поен 29-28. На полувремето домашниот состав замина со 5 поени предности 54-49.
За разлика од домаќините кои во вториот дел продолжија во ист ритам, тимот на МЗТ немаше решение за расположението противник. Минус 11 во третиот квартал и минус 12 во четвртиот, се доволен показател за немоќта на МЗТ на ова гостување.
Освен Американците, Гил (24 поени), Смит (13) и МекКаден (10), ниту еден македонски кошаркар не беше двоцифрен. Неверојатно звучи податокот дека браќата Стојановски натпреварот го завршија без постигнат поен.
По поразот МЗТ не само што не успеа да се врати на делба на првото место, туку падна на петтата позиција на табелата со бод заостанување.
За МЗТ сега следува пауза во АБА2 лигата во која следниот натпревар ќе го игра на 14 јануари следната година во Скопје против Војводина.



































