Во дербито од 12.коло, на женската ракометна Супер лига, екипата на Ѓорче Петров го пречека тимот на Металург Автокоманда.

Актуелниот шампион Ѓорче Петров му го нанесе првиот пораз на тимот од Автокоманда, совладувајќи го со 31:27

Натпреварот започна во динамично темпо, а домаќините уште во 3-тата минута поведоа со 3:1. Гостите не дозволија поголема разлика и веќе во 10-тата минута израмнија на 5:5.
Во продолжение се водеше изедначена борба. Ѓорче неколкупати стигнуваше до минимално водство, но Металург секогаш брзо возвраќаше. Во 23-тата минута гостинките со серија од 2-0 успеаја да направат предност од 13:11, која ја одржуваа до самиот финиш од полувремето. Сепак, Ѓорче во последните минути возврати со серија од 2-0 и успеа да израмни на 15:15, резултат со кој двете екипи заминаа на пауза.

Во вториот дел од натпреварот, Ѓорче Петров стартуваше значително подобро и во раните минути поведе со 19:17. Металург неколкупати се обидуваше да се врати и да израмни, но домаќинките играа сигурно и не дозволија пад во темпото. Во 42-рата минута Ѓорче повторно ја зацврсти контролата врз резултатот и направи водство од 24:21. Домашната екипа продолжи со стабилна игра и постепено ја зголемуваше предноста. Во 54-тата минута стигнаа до највисоки +6 (29:23), што им овозможи мирна завршница. До самиот крај немаше поголеми промени, па натпреварот заврши со заслужена победа со 31:27 на Ѓорче Петров.

Најефикасна од домашната екипа беше Ризоска со осум погодоци, додека од Металург Зечевич даде седум гола.

Сега Ѓорче Петров е прв на табелата со 21 бод колку што има и Металург, а зад нив е Чаир со 18.

Ивона Кимовска

Следете нé на социјалните мрежи