Одбојкарките на Јанта Волеј вечерва ќе го игра својот петти натпревар на европската сцена.
Единствениот женски претставник на Македонија продолжува со настапи во ЦЕВ купот по завршената авантура во Лигата на шампионите. Тимот од Кисела Вода во 1/16 финалето ќе се соочи со хрватски Младост Загреб.
Јанта Волеј со четири натпревари зад себе веќе стекна искуство на европската сцена. Вечерашниот дуел е нова можност да се потврди квалитетот и да се продолжи успешната приказна.
Првиот меч се игра во Скопје, во СЦ „Јане Сандански“, вечерва со почеток во 20 часот. Реваншот е закажан за 3 декември во Загреб.
Победникот од двомечот ќе обезбеди место во осминафиналето и ќе презими во Европа. Таму ќе го очекува подобриот од дуелот меѓу полска Моја Радомка и чешки Оломук.




































