Во рамки на 9. коло од женската Супер лига, Астибо го пречека тимот на Куманово во натпревар исполнет со пресврти, серија на резултатски осцилации и високо темпо во двете половини.

Дуелот започна израмнето, но по 16.минута домашните ракометарки влегоа во подобар ритам и со серија од 5-1 стигнаа до водство од 10:5. Астибо ја контролираше играта во овој период и покрај обидите на Куманово да ја намали разликата. Кумановки вложија дополнителен напор и во 28-та минута се доближија на само два гола негатива (14:12), но сепак домаќинките заминаа на одмор со предност од 16:13.

Вториот дел донесе сосема поинаква слика. Куманово стартуваше агресивно и во 34-тата минута успеа да израмни на 16:16, а само еден напад подоцна го презеде водството со 17:16. Следуваше период на целосно израмнета игра, каде резултатот постојано се менуваше. Пресвртот целосно се заокружи во 45-тата минута, кога кумановки со серија од 2-0 за првпат поведоа со +2 (21:19).Домашниот тим не се откажуваше и во 54-тата минута се доближи на минимални 22:23, најавувајќи драматична завршница. Но, Куманово тогаш го крена темпото и со нова серија од 3-0 во 57-мата минута стигна до значајни 26:23, со што го скрши притисокот на Астибо. До крајот рутински го приведоа мечот кон победа, а конечниот резултат гласеше 29:24 во корист на гостинките.

Најефикасна ракометарка на натпреварот беше Азеведо од Куманово со 11 погодоци, додека од редовите на Астибо ист број голови постигна Анчева.

Ивона Кимовска

Следете нé на социјалните мрежи