Македонскиот женски одбојкарки првак Јанта Волеј КВ успешно ја мина првата пречка во Лигата на шампионите.
Европската авантура тимот од скопска Кисела Вода утре го продолжува својот настап.
Во рамките од 3.коло од квалификациите за елитното клупско натпреварување Јанта волеј за противник го има францускиот претставник Волеро Ле Кане.
Клубот од Кисела Вода објави дека првиот меч ќе го игра на домашен терен.
„Подготвени сме за предизвикот, иако како и за првите натпревари, така и сега остануваме скромни во изјавите и очекувањата.
Волеро е многу поквалитетен противник од Гацко, со многу интернационалки во составот, но тоа е и клуб кој доаѓа од многу поквалитетно првенство, а има и долга традиција во настапите на европската сцена, за разлика од нас.
Потребна ќе ни биде комплетно нова стратегија во играта. Ние ги анализиравме, но немаме комплетно јасна слика за нив, многу работи ќе бидат познати по првиот меч утре. Фокусирани сме на нашата игра, најважно ќе биде девојките да одиграат најдобро што можат, да го дадат максимумот, па ако освоиме сет-два или ако стигнеме до нешто повеќе, се е тоа во наш прилог“, изјави Никола Јаневиќ, тренерот на Јанта Волеј.
Дуелот е закажан за утре (среда) во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток од 18 часот, а влезот ќе биде слободен.
Реванш дуелот во Франција ќе се игра на 13 ноември.





































