Во рамки на 7.коло од женската Супер лига се одигра дербито меѓу екипите на Металург Автокоманда и Чаир. Во него двете екипи влегоа без пораз, а одиграа борбен и динамичен натпревар. Домашниот тим на Металург покажа поголема стабилност со која стигна до победа со 27:24.

Натпреварот започна одлично за домашната екипа, која уште во 7-та минута поведе со серија од 4:0. Чаир не се предаде и постепено ја намалуваше разликата, па во 16-тата минута се доближи на само гол негатива (6:5). Сепак, Металург брзо одговори и со серија од 3:0 повторно се одлепи на 9:5. До крајот на првото полувреме домаќинките ја контролираа играта и успеаја да заминат на одмор со предност од 12:8.

Во второто полувреме екипата на Чаир се обидуваше повторно да ја намали негативата и во 35-тата минута се доближи на 13:11. Сепак, Металург не дозволи израмнување и ја одржуваше предноста до 48-та минута, кога гостинките конечно успеаја да израмнат на 20:20. Веднаш потоа домашните реагираа со серија од 3:0 и повторно се одлепија на 23:20. До крајот Металург ја контролираше играта, постепено ја зголемуваше предноста и во 57-тата минута имаше водство од +4 (26:22). Натпреварот заврши со конечни 27:24 во корист на Металург Автокоманда.

Најефикасна од победничката екипа беше Јанкуловска со шест погодоци. Од екипата на Чаир Дамчевска и Фиоре дадоа исто по шест гола.

По овој меч Металург Автокоманда е сам на врвот на табелата, без пораз, а со 13 бодови. Еден помалку имаат чаирчанки чија победничка серија од шест меча заврши. Следува шампионот Ѓорче Петров со 11, а четвртопласираниот Вардар има 8 бодови.

Ивона Кимовска

Следете нé на социјалните мрежи