Два нови натпревар денеска ќе се играат во рамките на 11.коло на Првата македонска фудбалска лига.
Натпреварот меѓу Шкупи и Струга Трим Лум наместо во Скопје ќе се игра во Струга.
Ова бидејќи теренот на Чаир е под суспензија, па Шкупи го одбра токму теренот на Струга да ги игра домашните натпревари. Но, без разлика каде играле стружани се оние кои во моментов важат за апсолутни фаворити. Шкупи на досегашните 10 натпревари само еднаш не беше поразен, откако пред две кола одигра 1-1 со Работнички. Затоа пак Струга е второ рангирана, но во претходното коло беше непријатно изненадена пред своите навивачи и загуби од АП Брера. Стружани сигурно нема да дозволат повторно да им се случи тоа и ќе атакуваат на трите бода со кои барем за момент би се вратиле на врвот на табелата. Ќе биде ли така останува да видиме во дуелот што ќе почне од 13.30 часот.
Во Битола, под рефлектори Пелистер ќе го пречека кавадаречки Тиквеш.
Двата тима играат лошо во досегашниот дел од сезоната. Затоа дојдоа и промените на тренерските места. Пелистерци се немаат израдувано на победа во последните седум првенствени натпревари, откако на стартот на сезоната славеа над Шкупи и АП Брера. Кавадарчани пак двете победи ги остварија пред своите навивачи, но на гости немаат освоено ниту еден бод.
Колку тренерските промени ќе донесат промена и во играта на двете екипи ќе видиме во мечот што ќе почне од 17 часот.
ПМФЛ – 11 КОЛО
Четврток
ШКУПИ – СТРУГА Т.Л. 13:30 ч.
ПЕЛИСТЕР – ТИКВЕШ 17:00 ч.
Петок
АП БРЕРА – ШКЕНДИЈА 13:30 ч.
ВАРДАР – СИЛЕКС 17:00 ч.
Среда
МАКЕДОНИЈА ЃП – БАШКИМИ 1-1
АРСИМИ – РАБОТНИЧКИ 2-2




























