Македонскиот шампион МЗТ Скопје Аеродром одигра лоша последна четвртина против Сутјеска која го чинеше пораз во АБА2 лигата.
На гостувањето во Никшиќ, тимот на МЗТ Скопје во најголемиот дел од натпреварот имаше предност, но на крајот Сутјеска се радуваше на победа.
По израмнетата прва четвртина која МЗТ ја доби со три разлика (18-21), во втората аеродромци одиграа уште подобро. Го добија периодот со 9-16, па на одмор заминаа со двоцифрена разлика 27-37.
Ви третиот период МЗТ имаше во два наврати и 12 поени предност. Сепак, падот во завршницата придонесе во последниот квартал да влезе само со +6 (52-58). Во него Сутјеска го крена нивото на одбрана, па сино-белите тешко реализираа во нападот. На пет минути до крајот Сутјеска само втор пат на мечот дојде до предност 65-64, а потоа и +6 (70-64). Знаеше како искусниот домашен тим да ја сочува таа предност и на крајот да слави победа со 83-77.
Следен противник на МЗТ Скопје ќе биде екипата на Студент и тоа повторно аеродромци ќе играат на гостински терен на 5 ноември. Претходно на 28 октомври својот втор натпревар во АБА2 лигата ќе ги играат кошаркарите на ТФТ, а во Скопје ќе ја пречекаат новосадска Војводина.



























