Кошаркарите на Работнички ја впишаа првата победа во Супер лигата. Тие вечерва пред својата публика во СЦ Кале го совладаа Тиквеш со 90:82.
Она што го стекнаа во текот на првото полувреме, вишокот од седум поени (51:44), домашните кошаркари го загубија за една четвртина. Во третата, гостите од Кавадарци успеаја да се вратат во играта и во последниот квартал да влезат со израмнети 67:67.
Ако се тргне настрана ефектот на Робев, останатите четири играчи од стартната петорка на Работнички дојдоа до двоен број на реализации во тие три периоди од натпреварот.
Апсолутно иста беше и распределбата на поените во Тиквеш Голден Игл (недостасуваа поените од Бошалески).
Во оној решавачки дел, скопските „црвено-бели“ успеаја одново да се одвојат. По тројката на Ефремовски (четвртта од седум обиди), во средишниот дел од четвртината, Работнички поведе со (82:77). А, по четирите поени по ред на Хатсон, Работнички имаше уште поголеми (86:79), и само нецели три минути до крајот.
Хатсон со 22 поени беше најефикасен во победничката екипа, за која Ефремовски и Ѓуровски постигнаа по 19, а Томсон 18.
За тимот на Работнички ова беше првата првенствена победа, по двата убедливи порази на стартот на сезоната.


































