Ракометарките на Вардар со одлична игра ја впишаа првата победа во женската Супер лига. На домашен терен тие го совладаа Спартак со 29:26, во натпревар во кој уште во првото полувреме ја изградија клучната предност.

Натпреварот започна израмнето, но потоа Вардар брзо го наметна своето темпо и направи сериозна разлика. До 13-тата минута црвено-црните веќе водеа со +7 (13:6), а првото полувреме го заокружија со убедливи 19:10.

Во продолжението Вардар стигна и до двоцифрена предност, но Спартак не се предаде. Со подобра игра во последните десет минути успеа да ја намали разликата, па во 50-тата минута резултатот гласеше 27:22. Сепак, конечниот исход 29:26 им припадна на домаќинките.

Најефикасна во редовите на Вардар беше Јасмина Попова со 7 гола, а по 5 пати во листата на стрелци се запишаа Миленкоска и Нина Попова. Кај Спартак блесна Зорица Андовска со 8 реализации, а Грковска и Максимовска погодија по 6 пати.

На домашна победа се радуваа и ракометарките на Астибо кои минимално го совладаа Пелистер.

Поради обврските на Куманово и Чаир во ЕХФ Европскиот куп, последните два меча од ова коло ќе се играат во вторник и среда.

СУПЕР ЛИГА (ЖЕНИ) 3 КОЛО

Сабота
АСТИБО – ПЕЛИСТЕР 21-20
ВАРДАР – СПАРТАК 29-26
Вторник
МЕТАЛУРГ А. – КУМАНОВО 20.00
Среда
ЃОРЧЕ ПЕТРОВ – ЧАИР 19.00

Ивона Кимовска