Германија е новиот Европски шампион во кошарка, откако ја совлада Турција со 88:83 во финалето на Евробаскет 2025.
Во Арена Рига, пред 11.000 гледачи, германската репрезентација го запиша својот прв континентален триумф по пауза од 32 години, надоврзувајќи се на успехот од Светското првенство во 2023 година. Со ова, Германија стана само четвртата национална селекција што ги освоила и европската и светската титула истовремено.
Натпреварот беше исполнет со неизвесност и интензитет, а Исак Бонга блесна со 20 поени и 5 скока, заслужено добивајќи ја наградата за играч на натпреварот.
Денис Шродер, лидерот на германската селекција, ја освои наградата „MVP “на турнирот, крунисувајќи ја својата извонредна кампања со дабл-дабл од 16 поени и рекордни 12 асистенции во финалето. Неговата зрелост, визија и прецизност во клучните моменти беа одлучувачки за конечниот исход.
За Турција, ова беше втор пораз во финале, но нивниот настап низ целиот турнир заслужува високи пофалби. Финалето беше вистинска кошаркарска класика, а Германија уште еднаш покажа дека е на врвот на светската кошаркарска сцена.



































