Екипата на Шкендија, одбраната на шампионскиот пехар во првенството го почнува со домашен натпревар против Шкупи. Токму тетовските „црвено-црни“ ја отвораат сезоната 2025/26 со дуел против екипата на Шкупи.

Тренерот на првакот Јетон Беќири вели дека без разлика на противникот, го цени секој тим во Прва МФЛ и дека посакува успешно отворање на новата сезона. Ова по успешните настапи на Лигата на шампионите, каде Шкендија е во третото квалификациско коло и го очекува реваншот против Карабах во Баку.

„Секако дека нашата цел во новата сезона е одбрана на титулата. Сметам дека имаме потенцијал и имаме играчки кадар да одговориме на предизвиците и во првенството, и во Европа. Утре очекувам добра игра и да имаме победнички почеток на новата сезона. Секој противник го почитуваме и го цениме, нема потценување за никого, ние ќе ја играме нашата игра, и се надевам дека ќе дојдеме до целта“, рече Беќири.

Беќири не сакаше да издвои посебни конкуренти за титулата во новата сезона. Тој најави дека против секој, неговиот тим ќе влезе максимално мотивирано.

„Не би сакал никого посебно да издвојувам. Ќе видиме како ќе се одвива првенството.

Секогаш знае да има изненадувања. Секоја екипа си има свој квалитет, свои цели и математики.

Важно е во секој натпревар ние да влегуваме максимално мотивирано. Да наоѓаме желба и мотивација за секој меч. Одиме чекор по чекор. Нема никого да потцениме, без разлика кој и да ни е противник.

Секогаш почетоците се тешки, па секое потценување може скапо да чини. Затоа ќе барам од играчите на секој меч максимален пристап. Сакаме да освоиме што повеќе бодови во првенството, но и во Европа, во групната фаза без разлика во кое натпреварување ќе бидеме. На секој натпревар мораме да најдеме начин како да бидеме максимално мотивирани“, заврши предводникот на тетовските „црвено-црни“.

Првиот натпревар во новата сезона на ПМФЛ, меѓу Шкендија и Шкупи ќе се игра утре, со почеток од 17 часот. 

Следете нé на социјалните мрежи